КОМИТИТЕ ПРИСТИГНАА ВО СЛАВНОТО ПРИБИЛЦИ

Комитите кои пристигнаа во славното Прибилци, денес беа пречекани од жителите со громогласни аплаузи, доказ за добриот пречек се и фотографиите и видеата кои се споделуваат по социјалните мрежи. Оваа манифестација се случува за прв пат, се надеваме не и последен. После пречекот комитите се упатија да вечераат а, потоа повторно се вратија меѓу народот на средсело каде што имаше и жива музика.  

 КИЧЕВСКИОТ КОЊАНИЧКИ МАРШ ПО ПОВОД 2 АВГУСТ - ИЛИДНЕН НА 30 ЈУЛИ 2016 ЌЕ ПРЕНОЌУВА ВО СЛАВНОТО ПРИБИЛЦИ

На 27. јули, со пригодна свеченост што ќе се одржи во познатиот кичевски манастир св. Пречиста Богородица, ќе стартува илинденската коњаница по врвиците на учесниците на Илинденското востание и најголемите илинденски боишта.

Во организација на Здружението „Манастир св. Пречиста Богородица – Кичевска коњаница“, на годинашниов коњанички марш ќе учествуваат 20ина млади луѓе од Кичево и Маврово, како и од Демир Хисар. По втор пат, нашава општина ќе ја претставуваат претседателот на Советот на општината Ѓоко Василевски и неговиот содружник Горан Николовски од Суводол. Годинава, со еден коњаник, прв пат ќе учествува и еден претставник од Општина Ресен.

На првиот ден од Маршот, коњаницата ќе помине низ кичевските села Манастирско Доленци и Србјани, а потоа и градот Кичево каде што кратко ќе се задржи во градската соборна црква свети Петар и Павле. Истиот ден патувањето ќе продолжи преку Другово, Пополжани, Видрани, Брждани, Свињишта и Козица, родното село на Јордан Пиперката, каде што е планирано преноќиште.

Следниот ден, односно 28. јули, коњаницата ќе помине низ Белица, Прострање, Велмевци, Големо Илино, со крајна дестинација и преноќување во манастирот свети Илија на Илинска Планина. За време на престојот во Велмевци, коњаницата ќе ја посети месноста Черешна и ќе се поклони пред гробот на Војводата Јордан Пиперката и неговите соборци.

На 29. јули, коњаницата го продолжува маршот по шумски и потешко проодни делници што водат до Смилево, а по сртот на Илинска и Бигла Планина, односно да го изоди неколкукилометарскиот шумски пат преку месноста „Еврејка“, манастирот св. Петар кај Смилево и Смилево каде што, исто така, коњаницата ќе преноќува. Овој настан засега е единствен и оригинален по својата смисла, порака и симболика. Градоначалникот на Демир Хисар, за овој настан подготвува свечен пречек со осмислена уметничка програма.

На 30. јули, коњаницата, повторно по шумски патишта, ќе го продолжи патото кон Демир Хисар каде што, пред зградата на општината, повторно ќе биде организиран пречек, а градоначалникот Блажевски ќе организира мал прием за сите учесници на коњаницата. Вечерта коњаницата ќе преноќува во славно Прибилци, а следниот ден, односно на 31. јули, преку Сладуево, Журче и Острилци, коњаницата ќе го продолжи патот до крајната дестинација, Крушево.

Целата организација на оваа скоро 140. километарска рута ја спроведуваат самите учесници на маршот,а за време на патувањето низ територијата на Општина Демир Хисар, локалната самоуправа, неколку други јавни претпријатија и установи, како и бизнисмени, ќе организираат пречеци, како и соодветна логистичка поддршка во храна, освежителни пијалоци и средства за лична хигиена.


Ова е добар показател дека општината почнува да се грижи вистински за целата област. Да се вклучат сите или барем оние кои сеуште опстојуваат во општинските манифестации.


#Информациите и фотографијата се преземени од фејсбук страната на општина Демир Хисар.



Make a Free Website with Yola.