Спомени на Максим Поповски за Илиндеското востание, запишани во 1953 година во село Бабино



“Илинденското востание поочна ноќта оред  Илинден на 1 август вечерта. Центарот за подигање на востанието беше село Бабино. Во бабинските ливади  на местото “рамни ливади” се разви македонското знаме кое беше наполно црвено, од црвена свила и купено беше во Битола за 45 лири. На него пишуваше “смрт или слобода”, знамето беше везено од девојки од Битола.

Во бабинските ливади четите положија заклетва “смрт или слобода” и тргнаја  за напад на село Прибилци. Населението беше благовремено известено да бега во гората. Кој што можеше да понесе храна, постилачки и покривачки, понесоја.

На чело со востаничките чети беа: Јордан Пиперката и Никола Дечев - војводи, а на селската чета беше војводата Степан Степановски. За напад на черкезаното село Ново Село, војвода беше Каранфил Мавро, родум од с. Тепавци-Мориово, а за напад на турското село Кочишта-Крушевско беше Сотир од село Брезово. За напад на село Солп-Кичевско, беше војводата Божин Пиперката, брат на Јордан Пиперката од Козица. Борбата отпочна меѓу 1 и 2 август през ноќта. Решено беше да се запалат турските села, али дојде курир од Штабот од Смилево од Дамјан Груев и Лозанчев со наредба да не се горат турските села. Дамјан Груев во почетокот не беше согласен да се подигне востание, али на конгресот во Смилево и тој се согласи.

За напад на Мургашево беше војводата Милош од Белица -Кичевско. Четите враќајќи се од Прибилци дофатија под село Сапотница две коли товарени со богат намештај од кајмакамот кој се селеше од Битола за Кичево. Кајмакамот не беше со колите. После нападот на Прибилци и другите турски села, четите се вовекоја во шумата, а еден дел од четите тргна за село Карабуница-Кичевско во помош на кичевските чети кои водеа борба со Север-ага од с. Зајас-Кичевско. Во таја борба загинаја околу 30 четници и две недели по тоа беше затишје. После  две недели надојде аскер од Азија и четите беа принудени да се повлекуваат во гората. Една група на чети се окопа под село Бабино на местото “Кула” од каде отвори оган на турскиот аскер. Турскиот аскер почна да ги гони четите и навлезе во селата и во Илинска планина. Кај Илинска црква стана судрување со турскиот аскер и таму загинаја 7 четници сите од село Вирово.

На истиот ден се водеше жестока борба над Крушево - “Мечкин камен” каде се бореја Питу Гули и Ѓурчин војвода од село Сланско. Наредено беше на четите да појдат во помошт на Питу Гули али борбите во Илинска планина продолжуваја и ни дел од четите не можеја да се одвојат.

Од четата на Ѓурчин војвода и Питу Гули погинаја околу 200 души.

Четиите беја наполно разбиени и 13-дневната Крушевска република под претседателството на Никола Карев беше повратена во турски раце. Крушево беше опстрелвано со топови и изгорено.

За забележување е и ова: Никола Карев и Питу Гули издадоја проглас со кој го покануваја населението, без разлика на вера и нациналност, во борба против турските зулумќари и за ослободување на Македонија.

Јордан Пиперката со четата тргна за село Цер-Кичевско. Зборувано му беше да не оди јавно и денски али тој не почу. На враќање од с. Цер беше пресретнат од силен турски аскер и башибозук и беше прострелан со брдски топови. Едната рака му беше скината и таму во Церско поле, погина. Погинаја уште 3 другари: Милан Трајковски и Кузман Тодоровски од село Бабино и Георгија од с. Церко -Кичевско.

За кратко време пристигна во помош четата на Никола Дечев и Турците беа принудени да остстапат, а останатите од Јордановата чета се спасија и успеаја да ги подигнат телата на Јордан, Милош, Кузман и Георги, кои што ги однесоја во с. Велмевци -Кичевско и ги погребаја. Таја вест го ожалости цел Демир -Хисар. Подигнат е споменик.

По неколку дена започна жестока борба при “Орлов камен” над с. Базерник. За момент ќе беше фатен жив Борис Сарафов. Во тие борби зедоја учество сите селски чети и реонската чета со Штабот.

Најжестока борба се одигра над селото Боиште и меѓу селото Царево во планината. Сите чети беа тука и беа опколоени од 16.000 турска војска. Тука се разви голема битка која траеше цел ден. През ноќта за да се спасат четите го пробија обрачот со бомби и си пробија пат за отстапление. Во таја борба погинаја околу 10 души и беа доста ранети. Ранетите беа спасени и не беа дадени во плен. Лекови за ранетите беа испраќани од началството од Битола.

После таја битка над с. Боиште разбиените чети се растурија и после 5-6 дена едвам се собраја. По неколку дена се чу дека води борба кај Илинска црква Христо Узунов-охридски војвода. Нашите чети тргнаја во помош. Турците беа разбиени и побегнаја. Имаше и тука прилично жртви.

После таја борба четите се вратија во своите реони, али се отки борба во село Брезово и таму погинаја 40 души. Таму погинаја војводите: Сотир од Брезово и Димитрија Матлија, секретар на Сотир од Охрид. Главата на Сотир беше однесена срешту турското село Прибилци на џадето на местото “светецот” и закачена на кол. По кажувањето на очевидци турчињата фрлале со камења по Сотировата глава.

За погибијата на Јордан Пиперката потребно беше да се нагласи следното: шпиуни го предале Јордана. Турците од с. Солп-Кичевско со спрегнати коли во кои легнале турски војници покриени со черги, божем одеа по снопје. Војниците фатиле заседи по меѓите и на враќање отвориле оган на Јордановата чета. Јордан напред одел и тој прв загинал.

Кога Турците од околните села разбрале дека е Јордан убиен големи џумбуси направија.

Стана голема борба и на местото “Цедилига” над бабинските ливади. Тука се бореше ресенската чета на Никола Дечев и селската чета. Аскерот сакаше да врши претрес на шумата во која што беше сето население од село Бабино. За да го спасат народот четите отворија оган на турските аскери и вниманието на аскерот се обрна кон четите кои што беа прогонувани. Турците тогај го заклаја еден момок од 18 години и уште 3 селани од с. Бабино. Ако четите не отворија огин на Турците овие при претресот на шумата би уништиле мноштво народ.

Се појави несугласица меѓу војводите Никола Дечев и Борис Сарафов. Дечев сакаше тој да го земе првенството. Еден ден Дечев со четата беше на местото “Кула” под с. Бабино а аскерот настапуваше кон селото, а во селото беше четатата на Борис Сарафов. Дечев веројатно планираше да погине Сарафов и тој да го превземе првенството. Четниците му зборуваја: ајде да стреламе или да соопштиме на Сарафов, но тој не позволи. Аскерот навлезе во селото а народот тргна да бега а во народот се смеша и четата на Сарафов и така се спаси. Оружјето што го носеја четите беше помешано. Најмногу имаше тетовски пушки со еден куршум. Овие пушки ги преносеше еден Турчин од Тетово по име Бајрам кој на таја работа спечали многу пари. За полнење на фишеци имаме калапи скоро во секоје село. Се полнеја со барут и куршум. Скоро во сите села предварително имаше направено фурни. Четниците имаја специјални капи со срмени ширити и со натпис “смрт или слобода” постоеше и болница во с. Велмевци во паланината. Болницата беше копана во земјата. Лекар немаше ами еден сељак од с. Слоештица. Видан Сивевски ги лекуваше ранетите.

Четите беја скоро секаде разбиени пошто надојде силен аскер. Муницијата се сврши и селските чети беа принудени да се предават, а главните војводи не се предадоја но избегаја во Бугарија.

Тогај Јерми-паша од Солун објави примирје. Во село Бабино заседна приближно еден месец еден пук војска. Пашата седеше со под шатори а во селото во куќата на Јаким Касаповски еден Грк потурчен, турски официр, со неколку башибозука ги тепаја луѓето. Беја повикани и двата попа и поп Кузман и поп Стојан. Поп Кузман го клаваја во врела вода со нозете а на поп Стојан брадата му ја обрикле.

Населението беше мачено и тепано затоа што немаше оружје да предаде.

Пративме луѓе во Битола кај конзулите при турскиот, англискиот и францускиот. Другиот ден дојдоја суварии (полицијска коњица, н.б.) и донесоја заповед. Аскерот одма се дигна пошто конзулите превзедоја мерки.

Од нашите села имаше и други војводи како Алексо Стефанов од с. Радово кој што дејствуваше во Костурско, Аце Трајчев тој беше во Преспа за време на востанието и таму погина. Никола Врба од с. Брезово, Ангеле Секулов од с. Базерник, Блаже Магарче од с. Г. Илино. Овај го замени Јордан Пиперката после неговото убиство.

Селата беја скоро спалени од турскиот аскер и башибозук. Примирјето траеше само околу 3 месеци. Организацијата почна и понатаму да набавува оружје. Почнаја наново да се формират чети. Во нашите места беше реонски војвода Алексо Стефанов од с. Радово. Во реонско Ангеле Секуловски од с. Базерник. Во Крушовско Блаже Биринчето. После враќањето на главните војводи од Бугарија кај ним се јави пар-тијаштво.

Четите често ја пееја песната:

Ој мајко мила Македонија

земја красна, рајска градина

за сладка слобода крв да пролејам

и клети Турци да ги истерам.

Селски војводи во околијава беа: во Бабино Степан Степановски, во Базерник Илија Ласиевски, во М. Илино Ристе Шудуровски, во Г. Илино Павле Трајков, во Слоештица Илија Димовски, во Виров Лазар, во Мренога Цветан Димевски, во Доленци, Цветан Трпевски, во Железнец Трајан.

Облеклото беше разно: од началството во град Битола беја испраќани опинци, гуни и други алишта.

После примирјето кога почнаја наново да се формирајат чети за реонски војвода дојде Алексо Стефанов и заедно со Цветан Доља од М. Илино цела зима преживеја во земјаница во Илинска планина.

Максим Поповски
Пензиониран учител од с. Бабино

24. I. 1953 г.
с. Бабино
Д. Хисар

“Податоци за Илинденското востание” од Максим Поповски


Подготвил: м-р Кире Филов   извор: МАКЕДОНСКА НАЦИЈА : http://www.mn.mk/aktuelno/6538



Крушевска република (2-12. 08. 1903 година)


Во приквечерината на востанието, кручевските востаници се собрале во Беринската корија, чекајќи ја во секој момент наредбата за да го нападнат градот.

Горскиот штаб на Крушевскиот востанички реон, на чело со Никола Карев, кој беше определен од конгресот во Смилево за горски началник, концентрирал околу 800 востаници за напад и ослободување на Крушево. Подготвувајќи се за успешно заземање на градот, Штабот свикал состанок со следните луѓе: Иван Наумов, Питу Гули, Андреја Димков, Ѓучин Наумов, Марко Христов, Косто Демирхисарски, Иванчо од селото Љатово, Коста Попето, Ташко Карев, Методи Стојчев и др., пред кои Карев ги изнел задачите на војводите за претстојната акција. На тој состанок бил прифатен предлогот на Карев, Тодор Христов (офицерчето) да биде избран за помошник член на Штабот.

Штабот што се наоѓаше на чело на востаничките сили се состоеше од: Никола Карев – началник на Штабот, и членови: Томе Никлев, Антиноген Хаџов, Тодор Христов и Тодор Павлов. Тука Штабот ги распроделил востаниците во 8 борбени групи, на кои им поставил началници и оперативни задачи. Оперативните задачи биле разработени во содејство со Т.Христов – офицерчето, кој уште порано се вовлекол скришно во градот и направил скица на поважните пунктови. Штабот издал специјален проглас со кој го објавил востанието. Потоа, според одлуката и планот, ноќта на 2 август започнал нападот на Крушево. Кога наближија до градот, 5 борбени групи, според планот, зазеле позиции околу градот, заради негово обезбедување од напад од надвор.

Така на југ, врвот „Мечкин Камен“ го зазел Питу Гули со 100 востаници.

Понатаму, заобиколувајќи го југозападно и излегувајќи на патот што доаѓа од кај селото Селце и минува низ маалото „Мочур маало“, за градот на запад позиција зазел Шурчин Наумов.

Северниот сектор бил заземен од војводата Коста Димитров, а западниот од војводата Марко Христов.

Андреја Димков со својот помошник Коста Попето настапиле и го опсадиле големото жандармериско здание, каде што биле сместени разните државни служби, со задача да го запали зданието и да ги зароби жандармите што се наоѓале во него.

Групата на Иван Аљабакот, со неговиот помошник Георги Ивановски, настапиле кон касарната, со единствена задача да ги заробат војниците што таму се наоѓале и да ја заземат касарната.

Никола Карев, со Штабот, останал насреде за да командува и набљудува. Планот се исполнил со точност.

Нападот за освојување на жандармериското здание отпочнал во 6 часот в зори, со негово опожарување и завршил напладне во 12 часот.

Нападот на касарната отпочнал во 6 часот в зори и тука борбата била упорна. Војниците, добро вооружени и дисциплинирани, дале отпор. Штабот го испратил на помош „Офицерчето“. Требало да се запали касарната, што се случило дури во 4 часот попладне, искористувајќи ја градската пожарна за прскање на зданието со газија. Но началникот на касарната, Сулејман Ефенди, предвидувајќи дека ќе се случи такво нешто, претходно наредил да се ископа еден канал до поточето покрај касарната и успеаја да ги изненадат востаниците, напаѓајќи ги ненадејно. Во борбата гради в гради паднале шестмина востаници, прободени од штиковите од пушките. Меѓутоа, наспроти сe, тие победија и касарната била заземена.

Кај старото римско кале, додека траел нападот на касарната, околу 3 часот попладнето 300 војници од редовната армија кои доаѓле од кај Прилеп го нападнале калето што било заземено од одредот на Марко Христов. Борбата траела 15 часа, по што војската отстапи, оставајќи на бојното поле 12 трупови.

На 3 август 1903 година градот бил ослободен од турската власт. Османската државна власт била елиминирана и била воспоставена македонска револуционерно - демократска власт во градот. Со воено – востаничките тела на Републиката раководел Реонски штаб, сместен во Гумења. Од претставниците на сите народности што го населувале градот бил свикан собир, на кој се формирало преставничко тело или Совет на Републиката, составен од 60 души, по 20 од секоја народност. Од својата средина ова тело избрало извршна власт од 6 члена, по двајца од секоја народност, наречена Привремена влада, под претседателството на Вангел Дину. Седиштето на Привремената влада се наоѓало во централното патријаршиско училиште. Привремената влада својот делокруг го поделила на 6 сектори: полициски, судски, финансиски, реквизиционен, интендантски и здравен. На чело на судскиот сектор се наоѓал Вангел Дину, со ресорот за реквизиција раководел Ѓорѓи Чаче, со финансиите – Теохар Нешков, со полицијата – Христо Ќурчиев, со интенданството – Димитар Секулов и со здравствено – санитарните работи – Никола Бају.

За остварување на своите задачи владата формирала разни комисии и други тела и служби во кои, на еден или на друг начин, било ангажирано сето население.

Во градот била основана и болница со која раководеле двајца лекари – д-р.Димко и д-р.Батал.

Со одбраната на ослободената територија раководел Реонскиот штаб, под чија команда се наоѓале сите вооружени сили на Републиката. Штабот на револуционерните сили на 6 август издаде Прокламација (манифест), што била упатена во околните села со муслиманско население во Крушевската околијата. Манифестот значел и апел за збратимување во името на слободата во заедничката татковина – Македонија и декларација во која биле искажани целите на илинденските востаници.

Крушевската република била врвен израз на општонародните стремежи за слобода и формирање на слободна македонска држава.

Командата за напад врз ослободеното Крушево и Крушевската република му била доверена на Бахтијар-паша. Со околу 18-илјадна армија и со една полска батерија, тој го опколил градот и се настанил околу селото Кривогаштани, во самите поли на крушевските височини.

Еден дел од таа војска, околу 3.000 војници, тргнал кон север и р. Блатор и се искачил над Крушево кај с.Норово и Селце. Преостанатата војска се упатила на југ од Крушево, преку селата Вврбовец и Прибилци. Друг одред од 6.000 војници од с.Прибилци, разделен на две колони, тргнал кон југозападно Крушево. Четвртиот одред од 5.000 војници доаѓал откај Кичевско, се покажал кај Бушова чешма (северозападно од Крушево).

Против така огромната турска војска застанале 1.200 востаници, готови до еден да ги положат животите во одбрана на Републиката.

Борбите за градот почнале на 12 август, околу 10 часот претпладнето, со напад на артилеријата, која стрелала кон востаничките предни позиции. Потоа, огнот бил преместен кон куќите, кои почнале да горат една по една.

Штабот ја сфатил важноста на ситуацијата и донел енергично решение да ги отстапи сите позиции околу градот за да му даде можност на населението да се скрие или да се врати и легализира. Тоа било неизбежно, затоа што изостана помошта од околните реони.

Кога било донесено ова решение, на четирите пункта околу градот се воделе силни борби. На секторот „Слива“, Георги Стојанов со 50 востаници задржал 3.080 војници, кои во текот на еден час убиле 7 востаници.

На секторот „Растојца“, Христо и Ташко Кареви, со 50 востаници, исто така задржале една поголема маса војска, кога во текот на едночасовна борба паднале убиени двајца востаници.

На секторот Берино кај месноста „Мечкин Камен“, војводата Питу Гули со 100 востаници им давал отпор на 3.000 војници. Борбата продолжила околу 2 часа. Му била дадена заповед за отстапување но таа не била извршена. Борбата завршила со херојска смрт на војводата П.Гули и неговите знаменосци – Ѓорши Димев и Нове Смугрев, како и поголем дел од востаниците.

По напуштањето на градот од страна на востаниците, војската навлегла во градот и извршила страшна тиранија врз населението, колејќи старци и деца и умртвувајќи со садизам жени. Војската изгорела 200 куќи и 200 дуќани и ограбила сe што нашла.

Со тоа бил ставен крај на најзначајната рожба на револуцијата – Крушевската република.

 






„Прв востанички округ - Битoлски“


Под команда на Дечев 150 востаници го нападнале турскиот гарнизон кој се состоел од 170 души во административниот центар Прибилци.

Повеќе >>> ( http://www.mn.mk/index.php/fotogalerija/docs/istorija/8031-Prv-vostanicki-okrug---Bitolski )


Здружени македонски чети како неформална македонска војска

На 19 октомври четата на Алексо Стефанов почнува да го разоружува турското население меѓу Ресен и Крушево, а на 24 октомври води битка кај Прибилци, каде што разбива еден турски одред и го презема селото што имало телеграф и наиска управа.

Повеќе >>> ( http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11612916248&id=17&setIzdanie=22722 )


Демирхисарска верзија за потеклото на Итар Пејо - предание од Мариово


Пред сто-двеста можеби и повеќе години Итар Пејо се родил во с.Железнец, каде реката Црна на селаните им е истум до газот.

Копилешката Стојна, лична, прелична, бендене девојка, аѕер за мажење, беше останала тешка (бремена н.б.) и самага не знае од кого зашто многумина беше се тркалале со неа кај бучалото (изворот) на Црна Река. Кутрата Стојна како и растел мевот (стомакот) така се срамела и страшела од татка си. Кога дошло време за "олеснување" (породување) таа отишла кај бучалото, писнала колку глас е држи и нешто вреснало и се слизнало меѓу ноѕе. Ќе беше го стапнела ако не го слушнала врескањето на детето. Го завиткала во лисја и тревишта и го скрила во џбунот покрај дувлото. Вечерта кога темницата го покрила селото таа го наместила на една леса и го пуштила по вода. Оттогаш немало потраг од врескалото.

Кутрото детенце качено на лесата се меткало од камен до камен мо реката се пикало во вртлоците и по месец два матните менливи води го одмеле се до Мариово, до Завојот. My се наполнале очињата, ушињата, носето со кал, песок и други матежини. Дење се потпикнувало во вртлоците, а ноќе, кога месечината го одбележувала патот лесата се мрдала и така стигнал до еден вртлог, пред едно суво врбово стебло што ја попречувало реката. Претало, претало детулето ама ништо-си останало во вртологот ноќе спиело а дење пискало колку глас го држсло што би рекле барало помош. Стојан, овчарот на Мигревци во Ивени, родум од с. Градешница, како што ги навраќал овците покрај реката слушнал детски пискотници и се стрчал кон реката. Кога се поткачил на сувата врба и што ќе види: "детуле, цело помодрсмо". Брзо-брзо се маведнал го грабнал и го свиткал во гуната. Било приквечерина, заладувало, а ваму есено време: врнело шушлек-дожд мешано со снег. Стојан се извардил да не го видат и се затскрил под едно дрво, та ја отворил гуната, го подзачистил детулето од калта, му извадил едно чудо песок од устата, ушите, носето а тоа кога збрало душа вреснало. Отишол до другиот овчар, што бил близу, го замолил да ги приварди овците и колку душа го држело трчал се до Градишница кај жената. "Жено, привикиал, Господ не сакал и ни пратил детуле". Тие си немале пород та Стојаница се израдувала до немај каде и брзо-брзо го скрила детулето. Така беше го криела од "Криви очи" рамно девет месеци. За да биде тајното вистинско како велела таа, се преселила на котари кај Стојана и секое слегување во селото клавала по едма перница под клашенци покажувајќи се тешка пред жените селски. Кога дошол денот таа го истопорила малото пред селаните. Тие беше се измачудиле од неговата големина. Митрејца чешитката во селото едно погледнување извикала "Божеле колкаво дете! Ами кај го носеше мори сестро?" се прекрстила. Мајката се фалела оти уште во меот тоа јадело сланинки и бакрданик и миело млеко козјо зато уште со раѓаето имало и заби и коса. На Пејо името му го клал дедо Петко, да бил умен и среќен како него. He го однесле ни в црква, нити кај матичарот. Го гледале како очите свои што се вели. Што побарало тоа имало. Го намравиле дебело како цуце, го разгалиле а тоа се сторило ми лук ни киселима. Затоа честопати ќе речеше Пејо во одминатите години: "To шчо не зна да работа се криви татко и мајка оти не ме оставаа ни сламка да крена".

Митре таткото остаре, обеле, се подгрбави и го јадеше јанѕа за тајната што ја чуваше во себе. Веќе беше изнемоштен и одвај ги распознаваше луѓето. Лежеше цела една година на постела кај плевната. Го повика Пејо и почна да блада. He се разбираше ни самиот себе. Пејо ја вртеше жално глаучката, ронеше солзи и рикаше од жал за татка си. Митре склопи очи замина иа оној свет и не успеа да ја каже вистината. Ha неделата пo умирањето на Митре и жена му дамлоса и умре. И таа ништо не кажа, ја однесе тајната в"гроб.

Лична Стојна седна чупа уште две-три години. Изроди уште две деца и ги фрли по реката Црна. Потоа ја мажија во Прибилци кај чорбаџијата Богослав. Тој ја зеде за синот Дамјана десетина години од неа помал. Направија свадба за приказ. Ја наружаа се со златници: гушници, обетки, руба срмајлија. He роди повеќе. Нити погледна во реката Црна зашто и се ококорувале некои детски очиња и и се завртуваше умот. Мажот и кога порасна замина во Стамбол на печалба. Таа остана сама со свекорот оти свекрва и умре на зелено од муабетите селски за невестата и мажот и што си ги копале очите. Целата општинска власт коначеше кај нив. Стојна си беше бела-црвена. Мезе за вдовците селски, за шумарите, даскалите, за жандармите, на ајдутите и комитите посестрима. Се прикажуваше оти на рамо клала пушка берданка и кај изворот на реката Црна преноќувала. Убивала Турци-поганци од реда. Власта дала потера и награда за оној што ќе ја убие или жива донесе. Ама не ги добил златниците никој оти трупот и го нашле во Црна дури кај селото Градиште. Една вечер таа... така се наведнала на водите пенливи и се стаписала: гледа очиља на детуле каде се џарат во неа. Излегуваат од водата две рачиња и ја прегрнуваат. Таа се подала, паднала и не станала. И таа не ја кажа вистината за Итар Пејо. По раскажување на Мито Врбовски од с. Прибилци, тој сказната ја слушал од дедо му, а тој од неговиот татко, кој бил комита во четата на Јордан Пиперката. (Забележано во 1986 година од авторот во с. Прибилци, Демир Хисарско).

Make a Free Website with Yola.